Статут

Врз основа на членовите 4, 7, 15, 16 и 18 од Законот за здруженија и фондации (Службен весник на РМ бр. 52/2010) на Собранието одржано на ден 1.1.2020 година, се донесе следниот :

С  Т  А  Т  У   Т

на

Здружение на граѓани за развој на духовни, културни и хумани вредности во граѓанскиот и бизнис секторот, заштита на животната средина, и енергетски ресурси, 

на

ГНЛМ

1.ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Здружението на граѓани, подразбира, луѓе на „добар глас во општеството“, без оглед на нивната стручност и професија, нивниот материјален статус и положба, верска, национална или политичка припадност.  Здружението на граѓани, врз основа на традиционални темели, љубов, вистина, правда, човечност и чесност, водени од желбата да ги негуваат доблестите и моралот во општественото усовршување и проширување на среќата на целото човештво, преку развивање духовни, културни и хумани вредности во граѓанскиот и бизбнис сектор како и за  заштита на животната средина, енергетски ресурси, обединува луѓе со љубов кон својата татковина – кои се лојални и посветени, кои за своја должност ја сметаат одбраната на татковината, нејзината слобода, интегритет и независност и се залагаат за работа, мир, просперитет, почитувајќи ги демократските институции на државата, без да се создава верска или политичка заедница и не врши религиозни или црковни обреди.

ГНЛМ е здружение на граѓани од областа на развојот на духовни, културни и хумани вредности во граѓанскиот и бизбнис сектор заштита на животната средина, и енергетски ресурси, на Република Северна Македонија и пошироко, во согласност со Уставот и Законите.

Здружението за време на своето дејствување ќе соработува со слични на себе организации, здруженија, комори, клубови, асоцијации и друштва во земјата и надвор од неа во согласност Уставот на Северна Република Македонија., својот Статут и други стопански норми кои ја регулираат оваја проблематика.

Член 2

Во Здружението на грѓани од областа на развојот на духовни, културни и хумани вредности во граѓанскиот и бизбнис сектор заштита на животната средина, и енергетски ресурси ГНЛМ, членуваат полнолетни граѓани, државјани на Република Македонија кои делуваат на остварување на целите и задачите на здружението во согласност со Уставот на Република Северна Македонија и Законот за здруженија и фондации.

Член 3

Називот на  здружението е:

Здружение на граѓани ГНЛМ “,

Скратениот назив на  здружението е: ГНЛМ 

Член 4

Седиштето на здружението е во Скопје, општина Центар, на:

ул.Партизанска бр.17

Член 5

Здружението е правно лице и има печат и штембил.

  Печатот е во тркалезна форма во кој е испишан текстот – Здружение на граѓани ГНЛМ..

  Штембилот на здружението  има правоаголна форма кој го содржи истиот текст како и печатот, со место за број и датум.  

Член 6

Застапник и претставник на здружението е Претседателот на здружението.

Член 7

            ГНЛМ е независенo во управувањето, определувањето и остварувањето на целите и дејностите утврдени во Програмата и Статутот во согласност со Уставот и Законот.

Член 8

            ГНЛМ е непартиска организација и не може да врши активности на политичка партија, односно директно или индиректно да финансира одредена политичка партија и да влијае на избори, односно не смее да учествува во избори и изборна кампања на одредена  политичка  партија. 

Член 9

Работата на ГНЛМ е јавна. Јавноста во работењето се остварува преку транспарентно објавување на статутот и другите акти на здружението, како и годишните програми и извештаи за работа. 

            Претседателот на ГНЛМ е одговорен за јавното презентирање на сите превземени активности на здружението, или од него ополномоштен член или група членови на здружението.

2. ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ

Член 10

Основната цел и задача на ГНЛМ е да негува и развива духовни, културни и хумани вредности во граѓанскиот и бизбнис сектор, заштита на животната средина, и енергетски ресурси, на Република Северна Македонија и пошироко, во согласност со Уставот и Законите.

Граѓаните се здружени во здружението поради остварување на поширок општествен и заеднички интерес а како посебни цели и задачи се издвојуваат:

  • Активности насочени кон негување и развивање на личен развој на секој член, кон разни духовни, културни и хумани вредности 
  • Промоција, развој и обука за морални норми и вредности на слободниот човек како неимар
  • Проактивни цели за развој на поединци и друштва за високи квалитети;
  • Обука на свои членови преку разни форми, конвенции и студиски претстави; 
  • Организирање семинари и стручни советувања од научен карактер во делот на духовните, културните и хуманитарните вредности;
  • Стратешка развојна цел е да постави правила на игра, кои ќе важат за сите, а ќе се разликуваат од опкружувањето со  едукација и верификација за високи морални квалитети, негови ингеренции и мандати;
  • Хуманитарни акции за поддршка на социјалните загрозени семејства;
  • Волонтерство
  • Заштита на животната средина, мерки за заштита на водата, воздухот и земјата;
  • Поттикнување на пазарот за трансформација на енергетски ефикасни производи и услуги;
  • Енергетски ефикасни мерки и производи достапни до крајните корисници;
  • Информирање и едукација на крајните корисници за енергетската ефикасност и обновливи извори на енергија;
  • Соработка  со разни странски организации и учество и организирање на меѓународни соработки и проекти;  
  • Подготовка и организирање на научни собири, трибини и стручни и научни предавања;
  • Реализирање издавачка дејност, подготовка и издавање на периодично стручно списание и други посебни изданија и книги; 

3. ЧЛЕНУВАЊЕ  ВО ЗДРУЖЕНИЕТО

Член 11

            Членувањето во ГНЛМ е на доброволна основа.

            Основачите на здружението се членови на здружението со еднакви права и одговорности како и другите членови на здружението.

            Физичко лице може да биде член на здружението доколку го прифаќа Статутот на здружението, ги прифаќа обврските кои произлегуваат од Статутот и е спремно активно,(што подразбира во текот на целата година) да се вклучи во остварување на целите и задачите опишани во Програмата на здружението. 

Член 12

Права и должности на членовите на ГНЛМ  се:

– да ги спроведуваат одредбите од овој Статут; 

– редовно и рамноправно да учествуваат во работата на здружението; 

– активно во текот на целата година да работат на успешно остварување на целите, задачите и другите активности кои произлегуваат од Статутот, Програмата, како и други задачи од донесени одлуки и заклучоци; 

– да предлагаат решенија од заеднички интерес; 

– да ги усогласуваат своите ставови со другите членови; 

– да избираат и да бидат избрани во органите на здружението; 

– да ги застапуваат интересите на членовите на здружението; 

– редовно да ја известуваат јавноста за работата на органите и телата утврдени со овој Статут на ГНЛМ

Член 13

Секој член може доброволно да истапи од здружението со писмено барање до органот каде и пристапил. 

Исклучувањето од членство во здружението се остварува во следните случаи:

– кога членот не е активно вклучен во активностите на организацијата повеќе од 1 година. 

– кога членот во рок од 1 месец, врз основа на барање на орган или тело на ГНЛМ, не го потврдува писмено својот статус на привремено пасивен член.

– кога член делува спротивно на законските одредби, одредбите од овој Статут и другите акти кои важат за организацијата. 

– кога член не ја споделува и остварува мисијата на здружението и делува спротивно на неа; 

– кога член не ги извршува превземените задолженија за успешна организација на активностите од Програмата; 

– кога ќе се постигне взаемна согласност дека членувањето во здружението не е целисходно. 

Исклучувањето се врши со предлог на УО, по кој донесува одлука Советот на ГНЛМ а ја потврдува Собранието.

Член 14

ГНЛМ води регистар на членовите и евиденција на членовите на органите на здружението.

            Податоците од претходниот став на овој член, се ажурираат најмалку еднаш на една година.

            Здружението ја гарантира анонимноста на личните податоци на членовите на здружението кои тоа го побарале.

Член 15

Членовите на здружението остваруваат контрола на работењето, користењето и располагањето со средствата на здружението преку органите на управување, на начин утврден со овој Статут. 

4. УПРАВУВАЊЕ СО ГОЛЕМА НАЦИОНАЛНА ЛОЖА НА МАКЕДОНИЈА Скопје

Член 16

           Со Здружението на граѓани за развој на духовни, културни и хумани вредности во граѓанскиот и бизбнис сектор заштита на животната средина, и енергетски ресурси,  ГНЛМ, управуваат самите членовите преку избраните претставници во неговите органи.

Органи на управување се:

1.Собрание (највисок орган),

2.Совет (регулаторен и колективен орган за стратегиски прашања)

3.Претседател (застапник и претставник на организацијата)

4.Претседавач на Собрание (одговорен за демократијјата во организацијата преку највисокиот орган на организацијата)

5.Управен одбор со секретар и благајник (највисок управувачки орган)

6.Суд на честа, (највисок орган за негување на моралните, етичките и другите хумани вредности на организацијата)

7.Ограноци, (помали единици за здружување на членовите за остварување на програмските определби)

8.Комисии (стручни тела на организацијата)

4.1 Собрание

Член 17

Собранието е највисок орган на ГНЛМ и го сочинуваат сите членови. 

Собранието работи на седници. Собранието, по правило, одржува редовна седница најмалку еднаш годишно, до месец Јуни, а по потреба може да се определи и рок пократок од една година.

Член 18

          Вонредна седница на Собранието може да се одржи по барање на Претседателот,  Управниот одбор, писмено барање од две третини од членовите на ГНЛМ, тогаш кога постои неопходна потреба за Вонредна седница на Собранието или кога нема можност да се одржи редовна седница на Собранието предизвикана од виша сила.

Согласно претходниот став на овој член, Претседателот  е должен да ја закаже Вонредната седница на Собранието во рок од 15 дена од денот на донесување одлука или поднесувањето на барањето за одржување на Вонредна седница на Собранието.

Роковите предвидени за активности за организација на Вонредната седница на Собранието можат да се скратат но не помалку од 7 дена и тоа со Одлука на ИО а одобрување на Советот или писмено барање од две третини од членовите на ГНЛМ.

 Со закажување на Вонредна седница на Собранието, во поканата мора да се предложи дневен ред на Вонредна седница на Собранието. 

Вонредна седница на Собранието може да трае најмногу два дена.

Член 19

           Седниците на Собранието ги свикува Претседателот на здружението, по одлука на Советот на ГНЛМ. Седниците на Собранието се свикуваат и по предлог на Управниот одбор на здружението или на 2/3 од вкупниот број на членови на ГНЛМ.

Ако Претседателот на здружението во рок од 14 дена од денот на дадениот предлог не свика седница, седницата ја свикува Советот односно Управниот одбор или иницијаторите.

Член 20

Како одговорен за демократијата на организацијата, со Собранието претседава, Претседавач на Собранието кој воедно е и надлежен за организирање на седницата. 

Собранието се состои од членови со право на глас и од членови со право на совет.

Членовите на Собранието со право на глас се:

1.Претседавачот на Собранието

2.Претседателот;

3.Членовите на Управен одбор;

4.Координаторите  на секоја од ограноците или од нив овластени застапници;

5.Делегатите на ограноците и тоа по еден на секој седми полноправен член;

Членовите на Собранието со право на совет се:

1.Почесен Претседател;

2.Предходниот Претседател;

3.Други Почесни членови;

Секој член може да присуствува седницата на Собранието како слушател. На седницата на Собранието можат да присуствуваат и повикани гости.

Собранието полноважно одлучува ако се присутни повеќе од половина од вкупниот број на учесници и делегати со право на глас. Собранието одлуките ги донесува со мнозинство на гласови од присутните членови. 

Член21

Надлежности на Собранието на ГНЛМ  се: 

  1. Го усвојува Статутот, Правосудни постапки и нивни измени и дополненија;  ги усвојува и менува идентитетските знаменитости на ГНЛМ и ја чува нивната неповредливост;
  2. Ги избира и поставува Претседателот, Претседавачот на Собранието, членовите на Управниот Одбор, Судот на Честа, како и;
  3. Ги отповикува од должност: Претседателот и сите Членови на Управен Одбор, како и членовите на Судот на Честа;
  4. Ги усвојува годишните извештаи за севкупното и финансиското работење на ГНЛМ, дава известување за активностите на Претседателот, како и известување за работењето на Советот на ГНЛМ, Управниот Одбор и Судот на Честа;
  5. Го одобрува финасискиот план на ГНЛМ за наредна година;
  6. Ги носи одлуките за предлозите поднесени од страна на Совет на ГНЛМ;
  7. Ја носи одлуката за промена на седиштето на ГНЛМ;
  8. Ја носи одлуката за престанок на активностите на ГНЛМ;
  9. Ја носи одлуката за престанок на работењето на подружниците.

Собранието разгледува и усвојува:

  • Извештај за севкупното работење на ГНЛМ во предходната година;
  • Извештај за финансиското работење на ГНЛМ во предходната година;
  • Финансискиот план на ГНЛМ за наредна година;
  • Извештај за активностите на Претседателот;
  • Извештај за работењето на Совет на ГНЛМ;
  • Извештај за работењето на Ограноците;
  • Извештај за работењето на Комисиите;
  • Извештај за работењето за Судот на Честа.

Извештаите и финансиските планови се изготвуваат и поднесуваат во писмена форма.

Член 22.

За работата на Собранието се води Записник кој освен Претседавачот на Собранието и Секретарот со своите потписи ја потврдуваат и други двајца потписници именувани од присутните од страна на Собранието.

Записникот се потпишува во рок од седум дена од завршувањето на седницата на Собранието.

Доколку некој од потписниците не го потпише Записникот, должен е во писмена форма да ги објасни причините на Советот на ГНЛМ, најдоцна во рок од три дена.

Доколку Советот на ГНЛМ не ги прифати причините за непотпишување, ќе донесе одлука со која Записникот ќе се смета за прифатен и без потпис на сите потписници од ставот 1 на овој член. Ако Советот ги прифати причините за непотпишување, забелешките ке бидат внесени во Записникот, и во ваква ситуација ке донесе соодветна одлука.

4.2.Совет на ГНЛМ

Член 23.

Советот на ГНЛМ е највисокото колегијално тело на ГНЛМ во периодот помеѓу одржувањето на двете Собранија со регулаторна, советодавна и координативна улога.

Советот на ГНЛМ е задолжен за надгледување на работата на ГНЛМ помеѓу двете Собранија и има право и должност да дава иницијативи и предлози во врска со стратешките прашања на ГНЛМ и воопшто за реализација на програмските определби.

Член 24.

Совет на ГНЛМ:

  1. Предлага на Собранието кандидати за избор на Претседател;
  2. Предлага на Собранието кандидати за Судот на Честа;
  3. Предлага  и разрешува членови на комисиите, на предлог на Претседателот, 
  4. Донесува одлука и го свикува Собранието.
  5. Донесува одлуки за основање и територијална организација на Ограноците;
  6. Одржува врска со сите Ограноци во рамките на ГНЛМ и обезбедува координација на нивната работа;
  7. Предлага на Собранието измени и дополни на Статутот, Правосудните постапки и измени на онаките и печатот на ГНЛМ; 
  8. Предлага на Собранието промена на име на Ограноците. Ги суспендира и го прекинува работењето на Ограноците;
  9. Усвојува Регулатива на ГНЛМ, нивна измена и дополна;
  10. Ја одобрува примената на Внатрешната Регулатива, документите и ознаките на Ограноците, нивни измени и дополнувања, со помош и предходен извештај на Претседателот на Правниот одбор.
  11. Ги прима, разгледува и одобрува годишните извештаи на Ограноците и Комисиите и ја надгледува нивната работа;
  12. Го одобрува нацртот на годишниот извештај за работата на ГНЛМ за Годишното Собрание и го доставува до Претседателот;
  13. Дава мислење за буџетскиот извештај за претходната година и го доставува до Собранието за усвојување;
  14. Ги пренесува до Собранието барањата и мислењата на Ограноците  или членовите;
  15. Решава евентуални спорови меѓу Ограноците и Управниот Одбор
  16. Одлучува за размена на признанија и подароци со други Организации и предлага представници на ГНЛМ;
  17. Донесува одлуки за стекнување и отуѓување на движен и недвижен имот,  права и хартии од вредност и дава овластување за склучување на правни работи од таа област на ГНЛМ;

18.Донесува одлуки за основање на фондови, фондации  и други правни лица на ГНЛМ.

Член 25

Советот на ГНЛМ го сочинуваат избрани членови и член по положба. Избраните членови се:  Претседателот, Претседавачот на Собрание, Секретарот, Благајникот и Координаторите на Ограноците. Членот по положба е Предходниот Претседател.

Мандатот на избраните членови на Советот  на ГНЛМ е онолку колку што е мандатот на функцијата што ја вршат.

Мандатот на членот по положба завршува со изборот на новиот Претседател.

Член 26.

Советот на ГНЛМ се состанува по потреба а најмалку три пати годишно: 

  • Првиот викенд после10. Септември;
  • Првиот викенд после10. Декември;
  • Првиот викенд после10. Март.

Советот на ГНЛМ може да се состане и по потреба. Агендата на состанокот и местото на состанокот ги одредува Претседателот на ГНЛМ или УО, а поканата ја испраќа Секретарот најмалку седум дена пред состанокот, За прашања од надлежност на Собранието, седницата на Советот на ГНЛМ може да ја закаже Претседавачот на Собранието.

Член 27.

Советот  на ГНЛМ, на својот состанок во Март, пред редовното изборно Собрание на ГНЛМ, ја именува изборната комисија од три члена од својот состав, која ја одредува регуларноста на предложените кандидати за Птретседател, Управен Одбор и членовите на Судот на Честа.

Извештајот за регуларноста на кандидатите и листата на кандидати за Претседател, УО и членовите на Судот на Честа ги доставува до Собранието, најкасно десет дена пред почетокот на седницата на Собранието.

Член 28.

Советот на ГНЛМ може да донесува одлуки доколку се присутни две третини од вкупниот број на членови.

Одлуките се донесуваат со мнозинство гласови од присутните членови.

Во случај на еднаков број на гласови, одлучува гласот на Претседателот. Гласањето е по правило јавно, но може да биде и тајно доколку две третини од присутните членови така одлучат.

На состаноците на Совет на ГНЛМ се води посебен Записник а го води Секретарот. 

Член 29.

За одлуките и мислењата на Советот, Претседателот  одговара во писмена форма, во рок од петнаесет дена од денот на донесување на одлуката или дадените мислења.

Доколку Претседателот не одговори во писмена форма во рок дефиниран во став 1 од овој член, се смета дека се согласува со одлуката односно со мислењето на Советот на ГНЛМ.   

Член 30.

Ако Советот заклучи дека Претседателот или УО со своите одлуки или постапки го прекршуваат Статутот или основните принципи на оваа организација и доколку не се корегираат после опомената, Советот може да свика вонредна седница на Собранието на ГНЛМ и да покрене постапка за отповикување на Претседателот или Управниот Одбор.

Одлуката од став 1 од овој член Советот ја донесува со дво третинско мнозинство од вкупниот број на членови на Советот на ГНЛМ.

Претседателот, односно Управниот Одбор се отповикани доколку за тој предлог гласаат две третини од присутниот број на членови на Собранието.

Отповиканиот Претседател, губи право на титула и на положба на Предходен или Почесен Претседател.

4.3 Претседавач на Собранието на ГНЛМ

Член 31

Претседавачот на Собранието е одговорен за демократијата во организацијата и е еден од органите на управување на ГНЛМ. Го избира Собранието од редовите на членовите на Ограноците на ГНЛМ.

Кандидати за Претсдавач на Собранието можат да бидат само оние членови кои поминале најмалку пет години на високи функции во организацијата. Изборот на Претседавачот на Собранието се изведува на начин утврден во овој Статут.

Мандатот на Претседавачот на Собранието трае три години. Истиот може да биде избран во само два последователни мандати. 

Член 32

Претседавачот на Собранието е надлежен за организацијата на Собранието ГНЛМ. Покрај тоа што тој го организира, тој, и со него претседава и раководи. Доколку не е во можност со веќе закажаното Собрание да претседава, Советот на предлог на УО во согласност со Претседателот носи одлука за друг вршител на должноста за тоа собрание.

Член 33

Претседавачот на Собранието учествува во работата на Советот на ГНЛМ како полноправен член. Во случаите кога Претседателот е спречен во извршувањето на своите задачи и овластувања, со Одлука на Советот го заменува Претседателот.

Член 34

Ако местото на Претседателот остане испразнето пред завршување на мандатот, местото го завзема Претседавачот на Собрание.

Претседавачот на Собрание останува на местото на Претседател до наредното годишно Собрание, ако времето до неговото одржување не е подолго од три месеци. Во спротивно, Претседавачот на Собрание ќе закаже вонредна седница на Собранието најдоцна во рок од три месеци од денот на завземањето на местото на Претседател.

4.4 Претседател на ГНЛМ

Член 35

Претседателот го избира Собранието од редовите на членовите на Ограноците на ГНЛМ.

Кандидати за Претсдател можат да бидат само оние членови кои поминале најмалку пет години во организацијата и кои биле Координатори на Ограноците во најмалку еден мандат.

Секој Огранок  може да кандидира еден  член од целокупното членство на ГНЛМ, а својот кандидат да го предложи на Совет на ГНЛМ најкасно 15 дена пред одржување на изборното Собрание.

Изборот на Претседател се изведува на начин утврден во овој Статут.

Мандатот на Претседателот трае три години. Истиот може да биде избран во само два последователни мандати. 

Изборот на Претседател на ГНЛМ се врши со тајно гласање. Се избира кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број членови на Собранието во првиот круг.

Доколку ниту еден кандидат не добие мнозинство од став 2 на овој член,  гласањето се повторува за двајца кандидати кои во првиот круг имаат најголем број на гласови од присутните членови на Собранието.

Доколку два или повеќе кандидати во првиот круг имаат еднаков број на гласови, најпрво се гласа меѓу нив, па во втор круг оди кандидатот кој добил најголем број на гласови.

Доколу Претседателот не е избран, изборот се повторува со нови кандидати на вонредна седница, која се одржува во рок од 30 дена од денот на завршувањето на седницата на која изборот не е направен.

До тогаш Вршител на Должност Претседател е Претседавачот на Собранието кој е и надлежен за свикување ново Собрание во рок од 30 дена од завршувањето на седницата на која изборот не е направен.

Член 36

Основни задачи на Претседателот се:

  1. Да обезбеди почитување на општите акти на ГНЛМ, како и засебно усвоените акти во согласност со Статутот;
  2. Да ги закажува седниците на Собранието, состаноците на УО и состаноците на Совет на ГНЛМ;
  3. Да врши избор и поставувања во согласност со Статутот на ГНЛМ;
  4. Да предлага основање на нови Ограноци;
  5. Да доставува извештаи до Собранието за целокупната работа на ГНЛМ и неговите активности во предходната година;
  6. Да се грижи за усогласеноста на Статутот на ГНЛМ со законите на државата.
Член 37

Овластувањата на Претседателот се:

  1. Има право на вето на одлуките на Советот на ГНЛМ, ако смета дека не се во согласност со принципите на организацијата или не се во согласност со Документите на ГНЛМ. За одлуката на која е ставено вето, Совет на ГНЛМ може повторно да гласа и доколку одлуката биде прифатена од страна на две третини од вкупниот број на членови на Совет, одлуката ке се смета за донесена.
  2. Има право да во случај на кршење на принципите на организацијата или Документи на ГНЛМ, изврши привремена суспензија на членовите или Ограноците  и во рок од седум дена да даде налог за покренување на соодветна постапка пред Судот на Честа,  при што суспензијата може да трае најдолго до завршување на постапката;
  3. Има право да ги закажува и води состаноците на Ограноците;
  4. Има право да избере и постави свои Доверители во Ограноците;
  5. Има право да избере и постави пет членови на УО;
  6. Има право да предложи на Советот на ГНЛМ,  отповикување на одредени членови на комисиите;
  7. Има право да ги повикува на советување координаторите на Ограноците  и своите Доверители, доколку смета дека е потребно;
  8. Има право да предлага прием на баратели за влез во било која од Ограноците;
  9. Има право да предлага почесни признанија и подароци;
  10. Има право директно да ги одобрува финасиските издатоци до висина утврдена со Одлука на Советот или УО. врз основа на буџетските средства.

4.5 Управен одбор

Член 38

Управниот одбор на ГНЛМ, во натамошниот текст УО, управува со активностите на здружението дефинирани со Статутот, програмата за работа и другите акти. 

Сите членови на УО имаат еднакви права, обврски и одговорности за работењето и развојот ГНЛМ согласно членот 12 од Статутот.

УО го сочинуваат Претседателот и четиринаесет  членови.

Член 39

Основните задачи на Управниот Одбор се:

-Донесува одлуки на барања на Ограноците или поединечните членови за воспоставување на меѓународни контакти и посети;

-Ги одобрува финасиските расходи на ГНЛМ и ја одредува висината на давачките на Ограноците према ГНЛМ;

-Ги дефинира насоките на меѓународната политика на ГНЛМ;

-Ги одредува настапите на членовите на ГНЛМ во јавност.

-Донесува одлуки за промена на адресата на седиштата во рамките на територијата на главното седиште на ГНЛМ;

-Донесува одлука за прием нови членови како и поведување постапки за разрешување и бришење од членство во ГНЛМ;

-Донесува одлука за прием во работен однос на надворешни лица во ГНЛМ;

-Донесува одлука за поведување на можни спорови според внатрешните правосудни постапки, постапки пред надлежните судови и за поведување на постапки пред други државни органи;

-Предлага основање на нови комисии и под-комисии и ги назначува нивните председатели-координатори;

Член 40.

УО се состанува најмалку еднаш месечно, а по потреба и почесто. Состаноците на УО ги закажува Претседателот. Вонредно, состанокот на УО може да биде закажан по барање на најмалку осум членови на УО.

Член 41

Девет членови ги избира и назначува Собранието на ГНЛМ од листата на кандидати, а пет членови ги избира и назначува Претседателот.

Предлагањето на кандидатите за членови на УО кои ги избира Собранието се прави така што секоја од Ограноците  предлага кандидати од било кој Огранок,  во согласност со бројот на полноправните членови и тоа:

-еден кандидат, ако Огранокот има 7 полноправни членови

-два кандидати, ако Огранокот има од 7 до 14 полноправни членови 

-три кандидати, ако Огранокот има 14 полноправни членови

Кандидати за членови на УО можат да бидат полноправни членови кои најмалку три години имаат активно учество во своите Ограноци, и  успешно ги вршеле раководните должности на своите Ограноци.

Новоизбраниот Претседател  не може да биде кандидат за член на УО.

Изборот за член на УО се врши така што се составува листа со имињата на предложените кандидати, со информација од Огранокот каде припаѓа кандидатот, а членовите на Собранието на ГНЛМ заокружуваат најмногу девет кандидати.

Избрани се оние девет кандидати кои имаат најголем број на гласови. Доколку два или повеќе кандидати имаат ист број на гласови, се прави меѓу гласање.

Претседателот  назначува пет членови на УО по свој избор. Доколку местото на член на УО е испразнето, Претседателот  има право да го назначи членот на УО од листата на кандидати кои не биле избрани на гласањето.

Член 42

Мандатот на членовите на УО трае три години, со можност за реизбор без ограничување на бројот на мандати.

Член 43

УО може да донесува одлуки доколку се присутни повеќе од половина од вкупниот број на членови.

Одлуките се донесуваат со мнозинство гласови од присутните членови на УО.

Во случај на еднаков број на гласови, одлучува гласот на Претседателот. Гласањето е по правило јавно, но може да биде и тајно доколку повеќе од половина од присутните членови така одлучат.

На состаноците на членовите на УО се води посебен записник, кој го потпишуваат Претседателот и Секретарот.

Записникот се чита на наредниот состанок на УО.  Доколку одлуките на ОУ се однесуваат на поединечните Ограноци, потребно е да се известат во писмена форма.

Член 44

УО може да донесува одлуки доколку се присутни повеќе од половина од вкупниот број на членови.

Одлуките се донесуваат со мнозинство гласови од присутните членови на УО.

Во случај на еднаков број на гласови, одлучува гласот на Претседателот. Гласањето е по правило јавно, но може да биде и тајно доколку повеќе од половина од присутните членови така одлучат.

На состаноците на членовите на УО се води посебен записник, кој го потпишуваат Претседателот и Секретарот.

Записникот се чита на наредниот состанок на УО.  Доколку одлуките на ОУ се однесуваат на поединечните Ограноци, потребно е да се известат во писмена форма.

Член 45

Благајникот е дел од УО и управува со финансиите и имотот на ГНЛМ, како и:

-Претседава со Комисијата за финансии;

-Организира собирање на финасиски обврски од сите членови на Ограноците. 

-Организира водење на пропишаните финасиски книги на ГНЛМ;

-Ги организира и контролира исплатите на товар на буџетот на ГНЛМ, со одобрување од Претседателот;

-Ги закажува и организрира состаноците со Благајниците на секоја од Ограноците, најмалку еднаш годишно.

-На крај на секоја година Благајник поднесува извештај на Претседателот за годишните приходи и расходи на ГНЛМ, а тој до Советот кој го разгледува и одобрува извештајот и го доставува на Собранието на усвојување. Усвојувањето на буџетскиот извештај, со позитивно мислење од страна на Советот,  воедно претставува ослободување на одбврските на Благајникот во изминатата година. 

Благајникот  доставува до Собранието нацрт буџет на ГНЛМ за наредна година, изработен од страна на Комисијата за финансии.

Благајникот,  во согласност со Статутот, раководи со сите фондови или парични фондации основани од страна на ГНЛМ.

Во надлежност на Благајник се:

– Наплата на основни давачки при формирање нови Ограноци;

– Наплата на давачки од членовите на ГНЛМ за сите видови дипломи, сертификати, и друго;

– Наплата на членарина и други придонеси од членовите на ГНЛМ.

Подетални одредби за управување со главната благајна составена од сите средства на ГНЛМ и Ограноците, сите евентуални фондови, како и овластувањата и одговорностите на Благајникот и начинот на кој се врши контрола, се пропишани со Регулативата за финасии. Регулативата за финансии се предлага од страна на Одборот за финасии, а ја одобрува и усвојува Советот на ГНЛМ. 

4.6.Суд на Честа

Член 46

Судот на Честа е должен да врши правосудна функција во рамките на ГНЛМ.

Судот на Честа работи во полн состав а брои три члена, кои на предлог на Советот ги избира Собранието од полноправните членови со поголемо искуство во организацијата.

Судот на Честа е должен да ја одржи првата седница во рок од 7 дена од одржувањето на изборното Собрание и да го избере, од редовите на постојаните членови, Претседателот и заменикот на Претседателот, со мнозинство од гласовите на членовите.

Членовите на УО не можат да бидат членови на Судот на Честа. Во интервали помеѓу седниците на Судот на Честа, се разгледуваат случаи, заземаат ставови и донесуваат одлуки, врз основа на кои на Советот му се предлагаат измени и дополнувања на внатрешната Судска постапка.

Член 47

Врз основа на предлог на Советот или Претседателот, Судот на Честа поведува постапка против поединец или орган.

Постапката се спроведува според актите на ГНЛМ. Пред да донесе одлука, Судот на честа е должен да ја утврди фактичката состојба врз основа на собраните информации и да ги испита сите околности на случајот.

Судот на Честа ги зема во предвид сите утврдени олеснителни околности и донесува одлука во согласност со основните принципи на организацијата, целите, задачите, Статутот и други Документи на ГНЛМ.

Член 48

Доколку Судот на Честа не поведе или заврши постапката во предвидениот рок, постапката ја превзема УО,  ја донесува одлуката,  а пред Советот покренува постака да ја испита одговорноста на Членовите на Судот на Честа.

На одлуката на УО, донесена во постапка превземена од Судот на Честа на начин од став 1 на овој член, жалбата се поднесува до Советот во рок од 30 дена од денот на доставувањето.

Жалбата и предлогот за испитување на одговорноста на членовите на Судот на Честа, Советот ги разгледува на првиот редовен состанок и донесува одлука.

При донесувањето на одлуката од ставот 3 на овој член, не учествуваат членовите што учествуваат во донесувањето на првостепената одлука.

4.7. Ограноци

Член 49

Огранок, претставува дел од организацијата составена од полноправни и други членови кои на доброволна основа пристапиле во членство на организацијата прифаќајќи ги целите, задачите, организационата структура, правата и обврските од програмските цели и Статутот на ГНЛМ.

Ограноците имаат одредена автономија во својата работа пропишана со свои сопствени акти а одобрени од органите на ГНЛМ.

Огранокот  има свое име и реден број под кој е и основан. Името и редниот број ги утврдува Собранието на ГНЛМ на предлог на Советот.

Ограноците помеѓу себе одржуваат непосредни врски, негуваат блиски односи. При работа во Ограноците, можат да присуствуваат и гости од други Ограноци.

Со Огранот раководи  Координатор кој се грижи за целокупната работа на истата во согласност со целите, задачите, организационата структура, правата и обврските од програмските цели и Статутот на ГНЛМ.

Координаторот е дел од Советот на ГНЛМ.

4.8.Комисии

Член 50

Комисиите се тела на УО заради подобра реализација на Програмските определби и цели на организацијата. Со Комисиите раководат членовите на УО а се составени од по неколку членови од сите Ограноци, избрани од Советот на предлог на Претседателот. Такви комисии се: 

  1. Секретаријат
  2. Одбор за прием на членови 
  3. Одбор за организација на настани со членови на ГНЛМ 
  4. Одбор за меѓународни односи
  5. Правен Одбор 
  6. Одбор за хуманитарни активности 
  7. Одбор за односи со јавност и медиуми 
  8. Одбор за финансии
  9. Суд на честа 

5. ФИНАНСИРАЊЕ НА  ГОЛЕМА НАЦИОНАЛНА ЛОЖА НА МАКЕДОНИЈА Скопје

Член 51

Здружението на граѓани за развој на духовни, културни и хумани вредности во граѓанскиот и бизбнис сектор како и за заштита на животната средина, енергетски ресурси ГНЛМ, е непрофитна  организација и своето тековно работење и опстојување ќе го покрива првенствено со средства обезбедени од своето членство,  од домашните и странските (меѓународни) организации, институции, фондови, фондации, клубови, здруженија и друштва, во согласност со законските прописи на Северна Република Македонија што ја регулираат оваа проблематика.

Член 52

Користењето и располагањето со средствата на ГНЛМ остварени по основ на претходниот член се врши на начин утврден со Закон и Статутот на ГНЛМ за остварување на целите на здружението и неговата Програма за работа.

Работата во здружението по правило е доброволна, а членовите на органите можат да примаат надоместок за патни и дневни трошоци, како и надоместок за вршење работи во органите на здружението согласно со Закон.

Член 53

ГНЛМ има :

1.Главна Благајна која ја сочинуваат сите деловни книги, сметки во банки и тоа во согласност со сите финансиски закони и прописи,

2.Фонд за помош на членови во неволја.

ГНЛМ може да основа и формира и други видови фондови.

ГНЛМ своите финансиски средства ги обезбедува од :

-Основните давачки кои ги плаќа секоја Подружница при нејзиното формирање,

-Годишна членарина на сите членови,

-Доброволни прилози, донации, подароци во парични средства, права и хартии од вредност,

-Други извори на приходи во согласност со Документите на ГНЛМ и постоечките финансиски законски прописи.

Висината на износите од сите давачки ги утврдува УО а ги потврдува Советот.

ГНЛМ донесува годишен финансиски план со кој се утврдуваат приходите и расходите на здружението. Годишни пресметки на ГНЛМ се заклучуваат во законски предвидениот рок секоја календарска година. Завршната пресметка, врз основа на приходите и расходите ја составува Благајникот, ја проверува Советот, кој ја верификува и во вид на извештај ја доставува и поднесува до Собранието на усвојување.

5.1. ФИНАНСИСКИ ЗАСТАПНИЦИ

Член 54

          Финансиски застапници се Претседателот и Благајникот на ГНЛМ а третиот застапник односно потписник на сметката на ГНЛМ го предлага Извршниот Одбор а го потврдува Советот.  Сите плаќања се регулираат со врзани потписи на два од трите потписи на потписниците.

6. ПРЕСТАНОК И ЗАБРАНА НА РАБОТА НА ГНЛМ

Член 55. 

Одлука за гасење на ГНЛМ носи Советот, а ја потврдува Собранието. ГНЛМ  престанува да постои ако е :

– донесена одлука за претанок на здружението со 2/3 мнозинство на членовите на здружението;

– поминато двојно повеќе време предвидено за одржување на седница на највисокиот орган на здружението, а таа не е одржана;

– во две последователни години не е поднесена завршна сметка на здружението во согласност со законот; 

– статусна измена која предвидува престанување на постоењето;

– донесена одлука од надлежен суд;

– бројот на членови на здружението се намали под бројот определен за основање . 

Член 56

Се забранува работата на ГНЛМ  ако:

– нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Северна Република  Македонија;

– поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост;

– активности поврзани со тероризам; 

– презема активности кои се спротивни на Уставот или Закон; 

– се повредуваат слободите и правата на други лица и организации.

Член 57

            Во случај на престанување на работа на ГНЛМ како и кога со одлука на надлежен суд се забранува работата на ГНЛМ имотот на ГНЛМ се пренесува на Р.С. Македонија.

7.НАДЗОР НА  ГНЛМ 

Член 58.

Надзор на ГНЛМ врши Собранието, а одобрува Советот на ГНЛМ.

8. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 59

Право на толкување на овој Статут има Собранието на здружението, а меѓу две седници на Собранието има Советот како и Управниот одбор на здружението.

Член 60

Измени и дополнувања на овој Статут се вршат на начин и по постапка како и за негово донесување.

Член 61

Стапување во сила на одредбите на овој Статут е од денот на одржувањето на седницата на Собранието на здружението и  усвојувањето на Статутот. 

Скопје, 1.1.2020 година 

Здружение на граѓани  ГНЛМ

Претседател,

М-р ГЕЧЕВСКИ ЛАЗАР, деи

Hit Enter